– Продуктивна дискусија на денешната трибина во Центарот за култура во Општина Ѓорче Петров за превенирање на насилното однесување меѓу децата и учениците, којашто беше иницирана и реализирана од советниците од Советот на Општина Ѓорче Петров, кои се дел од Комисиите за спорт, култура и образование, порача градоначалникот на општината Александар Стојкоски.
– Имајќи во предвид дека воспитанието и образованието се столбот на секое современо општество, ова беше одлична можност со стручнаци да се поразговара на оваа тема. За жал, сериозен проблем во последнава деценија со кој се соочува општеството, а посебно воспитанието и образованието како негов значаен сегмент е меѓуврсничкото насилство. Воспитно-образованите институции, но и пошироката заедница се исправени пред предизвикот да се соочат со барање соодветни стратегии и начини за намалување и превенирање од насилно однесување, додаде тој.
На трибината беа опфатени неколку целни групи: директори, стручни служби, наставници (од одделенска и од предметна настава), професори, претставници од совети на родители од предучилишните, основните и средните училишта на територија на општина Ѓорче Петров, воспитувачи, негователи, претставници од спортските клубови, ученици и граѓани.
Стојкоски упати благодарност до реномираните универзитетски професори Ана Фрицханд (доктор по психолошки науки), Елизабета Томевска-Илиевска (доктор по педагошки науки) и Иван Анастасовски (доктор на науки од областите на кинезиологијата и социологија на спортот) за одличната интерактивна трибина со динамична комбинација на теоретски и практични сознанија со цел да им се помогне на учесниците.
– Како локална самоуправа ќе продолжиме со организација на вакви настани со цел превенција при евентуално врсничко насилство. Како општина веќе преземавме сериозни чекори во оваа насока и ги вклучивме сите засегнати страни во превенирањето, вети тој.
На ден 22 септември 2023 година Институтот за европски образовни, социо – културни и економски политики ЕВРОПА ЗА ТЕБЕ – Скопје потпиша меморандум за соработка со општина Охрид! Меморандумот е потпишан од страна на г-дин Кирил Пецаков, градоначалник на општина Охрид и проф. д-р Елизабета Томевска-Илиевска, претседател на Институтот за европски образовни, социо – културни и економски политики ЕВРОПА ЗА ТЕБЕ – Скопје. Потпишувањето на овој меморандум означува почеток на успешна соработа и реализирање на современи содржини и активности од областа на образованието и културата.
Потпишан меморандум за соработка помеѓу Институтот за европски образовни, социо – културни и економски политики ЕВРОПА ЗА ТЕБЕ – Скопје и Здружението на планинари ВЕЛИКАМЕН с. Елшни – Охрид! Посакуваме успешна соработа и потпишувањето на овој меморандум ќе значи обединување на повеќе области, визионирани за сите генерации со современи, алтернативни и креативни содржини!
Благица Павловска, директорката на СУГС „Кочо Рацин“ од Скопје (Ѓорче Петров) гордо најавува дека од септември, таа и нејзините соработници ќе пречекаат нови генерации ученици во комплетно реновирано училиште. Како жена на одговорна раководна функција, смета дека е жално што кај нас сè уште професиите се делат на машки и на женски, и вели дека функцијата директор на средно училиште соодветно прилега на жена. Со Павловска разговаравме за отсеците кои ги нуди ова училиште, за предностите на гимназиското и стручното образование, за модата како дел од нејзиниот живот, со оглед на тоа дека СУГС „Кочо Рацин“ нуди и отсек за моден дизајн. Павловска е горда на своите колеги, наставниот кадар за кој вели дека е еден од најдобрите. Објаснува дека наставата се одвива во помали класови и со самото тоа внимамнието е поголемо, нема класични испрашувања туку на самите часови наставниците ја прават евалуацијата на учениците за стекнатото знаење.
# На прагот се уписите за новата учебна година, кои отсеци ги нуди СУГС „Кочо Рацин“?
– СУГС „Кочо Рацин“– Скопје нуди повеќе опции за идните средношколци. Нашето училиште овозможува Гимназиско образование со изборни подрачја: Општествено хуманистичко, Јазично уметничко и Природно математичко подрачје. Од стучното образование вршиме упис на ученици во економско-правна и трговска струка- профил: Економски техничар; и Сектор за Текстил, кожа и слични производи-профил: Техничар за изработка на облека со четиригодишно образование, Техничар за дизајн на облека со четиригодишно образование и Конфекционер со тригодишно образование.
# Општ впечаток е дека кај учениците е послаб интересот за стручните отсеци/училишта. „Кочо Рацин“ е училиште кое долги години наназад има текстилно- кожарска струка. Каков е интересот за креативниот дел- уметничкиот дел, техничар за дизајн на облека?
– Општо во изминатите години значително беше намален интересот за стручното образование. За разлика од минатата година кога акцентот се стави на стручното образование преку проектот на МОН „Учи паметно, работи стручно“ кој овозможи отварање на дуални паралелки во училиштата. Кај нас дуални паралелки се економската струка – профилот економски техничар и текстилно-кожарската струка – профилот техничар за дизјан и изработка на облека. Во таа насока училиштето склучи бројни договори со компании каде што учениците ја реализираат наставата учење преку работа, практичната настава и феријалната пракса. Веќе од минатата година јавноста кај нас почна да воочува дека стручното образование е иднината, како што е и секаде во светот и интересот за стручното образование повторно почна да се враќа.
# Училиштето од септември ќе пречека нови ученици во речиси нови простории. Што точно опфати реновирањето, што е ново во просториите на училиштето?
– СУГС„Кочо Рацин“ е целосно реконструирано училиште. Градот Скопје инвестираше во целосна промена на кровот, тавани, нова енергетско ефискасна фасада промена на осветлувањето со нови економични лед сијалици, електрика и водовод. Во училиштето комплетно се реновирани училните, толетите, подот. Кабинетите се опремени со соодветна техника за наставата (проектори и лаптопи), комплетно нов опремен кабинет за информатика итн. Најкратко речено,комплетно ново и опремено училиште со кое гордо можеме да се пофалиме.
# Какви надворешни активности, соработки и проектни активности нуди СУГС „Кочо Рацин“?
– Соработка и потпишани меморандуми со две училишта со Р.Србија: Гимназија Власотинце и Школа за текстил и дизајн од Лесковац со кои учествувавме на проекти, реализиравме размена на ученици со Гимназијата од Власотинце. Имаме добиени грантови од Проект за мултиетничка интеграција во образованието со потпишан меморандум на соработка со турските паралелки од СУГС „Јосип Броз Тито“. Реализиран е проект Еразмус со текстилната струка во соработка со Р.Бугарија за изработка и дизајн на венчаници. Училиштето има освоено трето место на државно ниво во натпреварот „Имам Став“ проект на Парламентарен институт на Собрание на РСМ. Имаме добиен грант на проект од Фонд за иновациии технолошки развој за иновацијата на проект наречен „Звучна капа“. Учество во проект поддржан од Првата дама на РСМ за обезбедување помош на ученици од социјално ранливи семејства во соработка со здружение „Хумана Плус“ и СЕПУГС„ Васил Антевски Дрен“. Потпишан меморандум за соработка со Институт „ Европа за тебе“ и многу други. Ова е само дел од активностите преку соработки со кои можеме да се пофалиме, од активности во училиштето се нудат многу опции: Спортски активноти, Драмски клуб, ликовни изложби и натпревари, Фото клуб, еколошки работилници, музички активности-хор и оркестар и многу други.
# Родителите чии деца учат кај вас имаат главно пофални зборови за наставниот кадар и за наставните методи. Велат дека професорите обрнуваат внимание на сите ученици подеднакво со оглед на тоа дека се работи за помали класови. Како вие би го искоментирале ова?
– Да, често слушаме позитивни коментари од страна на родителите на кои особено се радуваме и драго ни е што е така. Родителите се задоволни од начинот, методите и техниките кои ги користат наставниците за време на образовниот процес. На мое задоволство нескромно можам да кажам дека наставниот кадар во СУГС „ Кочо Рацин“ е еден од најдобрите. Во помали класови внимамнието е поголемо, нема класични испрашувања туку на самите часови наставниците ја прават евалуацијата на учениците за стекнатото знаење, секогаш има време за поправање или дообјаснување. Така во помалите класови квалитетот е поголем и секако успехот е тоа што го потврдува. Како резултат на тоа ние сме и победници на бројни натпревари.
# Во некое постаро време, директори на училишта беа главно мажи. Дали вие како жена имате чувство дека работите условно речено машка професија?
– Да, во некое постаро време воглавно директорите биле мажи, но работите се менуваат. Жално е што сè уште кај нас постојат тие стереотипи и поделба на машки и женски професии. Се согласувам дека не е лесно да си директор, бара ангажман, посветеност, раководење и менаџирање. Но иако бара повеќе труд не се согласувм дека е машка професија, напротив Директор на средно училиште соодветно прилега на жена.
# Дали според вас, жените на раководечки функции можат „машки“ да го издржат притисокот и да се справат со предизвиците?
– Можеби ќе звучи премногу феминистички но сметам дека жена може сè…Да не бидам погрешно разбрана, жената е раководител на работа, но таа по работното време се грижи за домакинството, децата и кога ќе се сумира сè, таа работи 24/7 и не се жали, особено самохраните родители. Затоа, апсолутно сметам дека жената може да ги издржи сите притисоци и успешно да се справи со предизвиците и да направи од сето тоа да произлезе нешто ново и нешто многу поубаво. Е, така жените „машки “ се соочуваат.
# Со оглед на тоа дека раководите со училиште кое има моден отсек, колку вие приватно ја следите модата, модните збиднувања, каков стил на облекување преферирате на работа и надвор од училиштето?
– Не можам да речам дека слепо ја следам модата, но сакам да сум во тек и љубопитна сум што има на модните сцени во Европа, која боја ќе се носи, која должина на здолништа, накит итн. Кај нас, имаше тренд да се одржуваат модни викенди, но состојбата за жал секаде се промени, па и кај нас. На работа стриктно се држам до деловната облека, се трудам да комбинирам бои и парчиња за да не бидам монотона, но секогаш да бидам достојна за приликата, дали е состанок или прием. Во приватно време најчесто сум „casual“ или спортски, нешто покомотно, но и тоа зависи од приликата на која сум.
# Што ве прави среќна кога не работите, и колку често работата ја носите и дома?
– Работата не престанува и за жал многу често ја носам дома. Но и тоа е дел од она што ме исполнува. Ме прават среќна моите 2 деца и уживам во времето со нив, кога сум со нив заборавам на сè и едноставно ги полнам моите батерии, ме прават среќна средбите со моите блиски пријатели, природата… Многу малку треба човек да биде среќен, само треба да знае да ужива во малите а големи нешта.
Во организација на Општина Гевгелија и Институтот за европски образовни, социо-културни и економски политики ЕВРОПА ЗА ТЕБЕ Скопје во просториите на СОУ „Јосиф Јосифовски“ од Гевгелија се одржа обука наменета за наставниците од средните училишта и за директорите и стручните тимови од општинските основни и средни училишта.
Имајќи ја предвид актуелната ситуација предизвикана од пандемијата на Ковид-19, се востанови потреба од одржување на обуки на тема: „ОБРАЗОВАНИЕТО, СЕМЕЈСТВОТО И МЕНТАЛНОТО ЗДРАВЈЕ ВО ВРЕМЕ НА КОВИД- 19“. Обуките ги реализира мултидисциплинарен тим од областа на психологијата, педагогијата и социологијата на следните поттеми:
проф. д-р Ана Фрицханд, „Предизвиците пред менталното здравје во време на пандемијата на ковид-19“;
проф. д-р Елизабета Томевска-Илиевска, „Модели на вербална и невербална комуникација со учениците во услови на пандемија“;
проф. д-р Татјана Стојаноска Иванова, „Улогата на семејството и масовните медиуми во време на ковид-19 – предизвици и последици“.
Денеска во кружната сала на зградата на поранешните општествено-политички организации започна дводневната обука наменета за стручните служби во училиштата на тема “Препознавање, превенирање и справување со насилното и агресивно однесување и екстремизам меѓу учениците во основните и средните училишта на територија на општина Куманово”. Оваа обука е организирана од општина Куманово и Мрежа на силни градови, во реализација на Институтот за европски образовни, социо-културни и економски политики-ЕУ за тебе-Скопје. На обуката присуствуваат претставници од Секторот за образование при општина Куманово и вработени во стручните служби од општинските основни и средни училишта.
радоначалникот на Општина Аеродром, Златко Марин, и претседателката на Советот, Ивана Цветковска, денеска остварија средба со универзитетските професорки Татјана Стојаноска Иванова и Елизабета Томевска-Илиевска, кои се дел од тимот „ЕВРОПА ЗА ТЕБЕ, СКОПЈЕ, поддржан од Општина Аеродром.
Проектот е посветен на меѓуврсничкото насилство (булинг) и има цел на транспарентен и сеопфатен начин да се проговори за оваа појава и да се изнајде најсоодветен начин за негово спречување и превенирање.
На денешната средба беше утврдена динамиката со која ќе се спроведува проектот во согласност со новите услови поради пандемијата од КОВИД-19.
Исто така, беа промовирани новите образовни материјали што се изготвени и наменети за наставниците, стручните служби во училиштата, како и за родителите, а се однесуваат на социолошките, психолошките и педагошките аспекти на меѓуврсничкото насилство. И за учениците се подготвуваат дидактички материјали и брошури приспособени на нивната возраст.
Во рамките на проектот ќе се одржат состаноци со координаторите на советничките групи во Советот на Општина Аеродром, Секторот за образование, како и со директорите на основните училишта.
Проектот ќе опфати и неколку семинари на кои ќе се обратат еминентни универзитетски професори, а ќе се одржат и работилници за превенирање на насилството во училиштата.
„Како до побезбедни училишта“ ќе биде заокружена со завршна конференција, а паралелно се снима и филм посветен на оваа тема.
Општина Крива Паланка и Здружението Институт за европски образовни, социо-културни и економски политики ЕВРОПА ЗА ТЕБЕ Скопје, потпишаа меморандум за соработка и ќе соработуваат во подготовка на предлог проект, со наслов: „Културното наследство на Крива Паланка – вредностите и свеста за својата култура, наследство, традиција и богатство “.
Целта на овој проект е подигнување и развивање на свеста на децата и младите, наставниците и на локалното население за културата, културното наследство, традиција и богатство коишто ги поседува територијата на општина Крива Паланка.
Проектот предвидува организирање на циклуси, едукативни трибини, предавања и работилници од интерактивен карактер, летна школа со ученици, посета на музеи и компатибилни културно-историски знаменитости, а сето тоа ќе биде поддржано со промотивни материјали соодветни за возраста на различните целни групи, преку кои на автентичен начин ќе се афирмира целокупниот археолошки и културолошки хабитус на територијата на општина Крива Паланка.
Во Валандово денеска ќе се одржи завршна конференција на проектот „Свеста за своето Валандово 2020“, што го спроведуваше Институтoт за европски образовни, социо-културни и економски политики ЕВРОПА ЗА ТЕБЕ Скопје, со цел развивање на свеста кај младите, наставниците и локалното население за културното наследство и традицијата на Општина Валандово.
Проектот „Иднината на Валандово – младите ја развиваат свеста и љубовта кон сопствената култура, наследство,традиција и богатство – Свеста за своето Валандово II“ е поддржан од Министерството за култура на Македонија, во соработка со Општина Валандово и е од национален интерес за културата во 2020 година, соопштија организаторите.
– Валандово и валандовско изобилуваат со историски и археолошки локалитети што се дел од културното наследство на нашата држава. Еден од најпознатите локалитети во тоа подрачје е Исар Марвинци, локалитет од коjшто се исцрпени голем број на артефакти и експонати, кои денес сочинуваат 70 отсто од поставката во новиот Археолошки музеј на Македонија. Бидејќи станува збор за исклучително значајни локалитети кои се доказ и показ за нашето постоење, потребно е истите да се афирмираат, и посебно кај најмладите, преку посета и запознавање со истите да се развие свеста и љубовта за сопственото културно наследство, велат од Институтот ЕВРОПА ЗА ТЕБЕ.
Оттаму посочуваат дека целта на проектот е преку посета на локалитетите од страна на младите но и на наставниот кадар од Општина на Валандово, како и посетата на музеи во Скопје, да се согледаат сите експонати и артефакти, како и спецификите на самите локалитети, со цел да се увиди нивната вредност и да се добијат дополнителни сознанија за нивното значење, а со самото тоа и иницирање на желбата на младите да се осознае повеќе за сопственото културно богатство.